Збирката "Народна носија и накит од Скопскиот етнички прадел" содржи над 750 етнолошки предмети кои припаѓаат на пределските целини: Скопска Блатија, Скопска Црна Гора, Скопска Торбашија и преодните села. Основната поделба на предметите во збирката е според припадноста на пределската целина, полот и возраста. Според намената носијата е поделена на секојдневна, празнична и обредна (свадбена, за закоп, траурна) носија. Карактеристиките на примероците во збирката (кошулата, сајата, белите клашнени облеки) ја изразуваат регионалната функција на носијата, која некогаш била ограничена и на само неколку села. Естетската функција на носијата има разгранета структура, чија основа се ткаенини изработени од домашни суровини (волна, лен, коноп, памук, свила, крзно, кожа), единствен крој поради ограничената широчина на платното кое се ткаело во домашни услови, со богата везбена декорација со орнаментални форми, везачки техники и декоративни елементи.
Создавани во атмосфера на патријахална култура, и во својот основен вид пренесувани од поколение на поколение, носијата е вистинско сведоштво за македонската традиционална култура присутна и во современи услови на живеење. Збирката хронолошки го презентира периодот на стара традиционална форма на носија од средината на 19 век, која се задржала статична до периодот помеѓу двете светски војни. Како последица на сменетите општествено-економски услови на живот по војната започнал процесот на нејзино постепено напуштање.