All for Joomla All for Webmasters

Неолитскaтa населба Говрлево се наоѓа на јужната падина на планината Водно, и е лоцирана на зарамнета тераса, наречена Церје, во помала котлина опкружена со повеќе ридови. Со археолошките истражувања е увидено дека на ова место древниот човек живеел низ сите фази од неолитот, енеолитот, бронзеното и железното време.

Во Говрлево се откриени остатоци од повеќе куќи од периодот на раниот и средниот неолит (од околу 6100 до 5500 години пред новата ера). Куќите биле градени на добро набиена земја, глинен под составен од дрвени даски и ѕидови од дрвена арматура (колци), премачкани со глина, додека покривот веројатно бил двосливен. Во внатрешноста на куќите секогаш била израдена калотна печка која служела за приготвување храна.

Од откриениот археолошки материјал во збирката, посебно се издвојуваат предметите од керамика: садовите, жртвениците и фигурините. Керамичките садови од Говрлево се истакнуваат по формите, од кои најавтентични се аскосите, како и по начините на украсување: сликање, барботин, врежување, аплицирање глинена маса итн. Во Говрлево се откриени и голем број жртвеници, од кои најинтересен е антропоморфниот модел на куќа (Големата  Мајка), како и разновидните антропоморфни и зооморфни претстави во форма на фигурини. Најавтентичниот наод од македонскиот неолит, керамичкото машко торзо - Адам е откриен во Говрлево. На овој локалитет исто така се откриени и голем број животински коски, како и големо количество алатки изработени од коски и камен. Оттаму, се издвојуваат најразновидни коскени игли, шила и спатули, како и камени мелници, длета, секири, тесли и сечила.