Печати

Неолитскaтa населба Зелениково се наоѓа на десната страна на реката Вардар пред нејзиниот влез во Таорската Клисура, лоцирана на зарамнета тераса, наречена Слатина, во мала котлина опкружена со ниски ридови. Со археолошките истражувања е утврдено дека населбата живеела во средниот и доцниот неолит (меѓу 5800 и 5200 години пред новата ера).

Во Зелениково се откриени остатоци од неколку среднонеолитски и доцнонеолитски куќи. Куќите биле градени на добро набиена земја, глинен под од набиена земја и ѕидови од дрвена арматура (колци), премачкани со глина, додека покривот веројатно бил двосливен. Во внатрешноста на куќите секогаш била израдена калотна печка која служела за приготвување храна.

Од откриениот археолошки материјал во збирката, посебно се издвојуваат предметите од керамика: садовите, жртвениците и фигурините. Керамичките садови од Зелениково се истакнуваат по формите, од кои и тука најавтентични се аскосите, како и по начините на украсување: сликање, барботин, врежување, инкрустрација итн. Зелениково се карактеризира и со големиот број жртвеници, од кои најинтересни се антропоморфните модели на куќа (Големата  Мајка), како и најразновидните антропоморфни и зооморфни фигурини.

 

На овој локалитет исто така се откриени алатки изработени од животински коски (игли, шила и спатули), како и најразновидни камени алатки (длета, секири, тесли и сечила).