Warning: file_put_contents(/home/mgsorg/public_html/templates/jm-university/fonts/Multicolore/font.css): failed to open stream: Permission denied in /home/mgsorg/public_html/libraries/joomla/filesystem/file.php on line 435
Доцноантичка грнчарија
All for Joomla All for Webmasters

        Грнчаријата е најприсутниот движен материјал на археолошките наоѓалишта. Анализите на естетските, употребните и технолошките промени, кои грнчаријата ги претрпува во текот на времето, придонесуваат за верификацијата на историските промени во општеството. Промените на обликот на садовите, техниката на изработка, декорирањето, големината, бројната застапеност на одреден вид садови, укажуваат на различни потреби за нив. Во текот на овој период на локалитетите во скопската котлина констатирани се различни категории и типови грнчарии.

Најзастапен тип е Африканската црвенопечена грнчарија, која се произведувала во големи производни центри на северноафриканско тло од 1-ви до 7-ми век, особено во доцноантичкиот период. Разновидни плитки и длабоки чинии и стомни ја сочинуваат оваа група на трпезни садови, имаат сјаен портокалов премаз, често пати декорирани, а формите задоволуваат повисоки естетски критериуми, со што се водечки тип луксузни садови од овој период.

Доцноримската Ц грнчарија е уште еден тип на увозна, луксузна, трпезна грнчарија од периодот на 5-ти - 7-ми век. Произведувана е на западниот брег на Мала Азија. Садовите имаат тенок слој на премазот, кој е со потемни црвеникави нијанси. Главна декорација се печатени орнаменти. Од овој тип грнчарија најчести се чинии во повеќе форми.

Македонскта сива грнчарија е тип на луксузна, трпезна грнчарија произведувана на македонско тло. Премазот на садовите е густ и сјаен и вообичаено имаат сиво-маслинеста боја. Нивна карактеристика е богатата декорација изведена со врежување и печатење. Плитки и длабоки чинии, разни видови стомни и други помали садови го сочинуваат овој тип грнчарија. Големото присуство на садови од Македонска сива грнчарија во скопската котлина укажува на можност за нејзино производство на оваа територија.

Амфорите се посебен тип на амбалажни садови со големи димензии. На локалитетите се најдени разни типови амфори произведени во разни производни центри на Медитеранот и брегот на Црното море, но и амфори од домашно производство. 

Локалната грнчарија е најбројна на сите локалитети, произведувана во многуте мали производни работилници на целиот Балкан. Оваа грнчарија ја сочинуваат огромен број садови со различни форми. Глината од која се направени не е секогаш добро пречистена, ретки видови садови имаат премаз на површината, а многу често се декорирани. Карактеристични се декорирањата со бројни варијанти на врежани линии. Покрај малубројните трпезни и амбалажни садови од овој тип грнчарија, најчести се садовите наменети за приготвување на храната.  Како посебен тип се среќава и Глеѓосаната грнчарија. Нејзина карактеристика е премазот на садовите изработен од посебен вид на оловна глазура, која ја има во повеќе нијанси на зеленкаста, кафена и жолта боја.