Печати

 

         Збирката на антички скулптури не брои голем број на предмети како останатите збирки од антиката, но, со право може да се вброи во највредните во музејот.

           Скулптура на момче, во антиката “ефеб”, претставува биста поставена на мало постоље. Момчето е претставено реално, со глава вперена напред, чија коса е карактеристичниот дел од претставата, односно на кратката коса од едната страна е изведен долг прамен, како плетенка, особеност за младите момчиња. Изработена е од мермер, крупнозрнест и жолтеникав по боја, во II - III век. Најдена е во слој на доцната антика во градот Скупи.

          Скулптурата на Венера Пудика претставува вистинско ремек дело на античката уметност. Претставена е во реална големина. Наслонета на едната нога, со рацете го сокрива голото тело, а до нозете е претставен делфин. Главата е благо наведната на едната страна. Изразот на лицето е озбилен и воедно нежен, а чувството на занесеност и замисленост е доловено и со благо отворената уста. Косата е заролана на задната страна и нагоре, а има остатоци од врежување за дијадема и за обетки, за кои претпоставуваме дека биле изведени од благороден метал, заради високиот уметнички дострел на самата скулптура. Најдена е во Големиот термален објект во Скупи (II - V век), што е карактеристично за скулптура од овој тип на Венера, поврзана со водата, да биде поставена токму во скап и голем објект од ваков каракетр. Скулптурата е изработена од ситнозрнест бел мермер и е производ на некој поголем скулпторски центар во II век.