Печати

Парално со процесот на романизација и урбанизација, на територијата на Скупи се јавува и камената пластика, која не е дел од лакалната традиција на претходните периоди. Под поимот камена пластика се подразбираат надгробните и вотивни споменици, саркофази, слободна скулптура и релјефи.

Збирката на камени споменици од Скупи во најголем број ја чинат надгробни споменици, а сосема мал број вотивни споменици, релјефи и слободна скулптура. Хронолошката идентификација укажува на најрана појава кон крајот на I век, со траење до крајот на III век. Кај надгробните споменици доминира т. н. скупски тип на надгробните плочи, кои на горниот крај завршуваат со тимпанон, исполнет со симболични релјефни претстави. Најчесто се продукт на локалните работилници со воочливи влијанија од југоистоик и суптилни од северозапад. Кај надгробните олтари најзастапена е варијантата на надгробен олтар во форма на масивен квадер - циппус. Тие немаат претходник во локалната сакрална и сепулхрална традиција, и се донесен елемент со препознатлива италска компонента. Саркофазите се упростена локална варијанта без декорација на т. н. малоазиски тип. Присутен е и помал број на вотивни жртвеници, посветени на божества од званичниот римски пантеон.

Освен неколку фрагменти, во збирката се наоѓа само еден вотивен релјеф со претстава од култот т.н. Дунавски коњаници.