Предметите во збирката оружје го опфаќаат периодот на османлиското владеење во Македонија од XV век до почетокот на Втората светска војна. Оружјето по стилот и начинот на изработка е од источно и западно потекло. Разноликоста на оружјето според потеклото и стилот на изработка, го потврдува значењето на стратешката географска местоположба на градот Скопје.
Најстари примероци на оружје во збирката се боздоганите од источно потекло, кои датираат од XV век.
Според типот, збирката поседува ладно и огнено оружје. Од ладното оружје содржи јатагани и ножеви од источно потекло. Во оваа група влегуваат и сабји и бајонети од кои повеќето се од западно потекло, но има и сабји од источно потекло.
Од огненото оружје во збирката има кубури, пиштоли, револвери и пушки од западно потекло. Дел од нив се изработени од домашните мајстори - оружари, кои изработувале и калапи за лиење на куршуми. Таков е случајот со пиштолот Целина и со пушката Дебарка, извонредени примероци на уметничка изработка на оружје од домашните мајстори.
Од помошниот војнички прибор во збирката се издвојува експонатот арбија, како и припојасници и фишеклаци за носење на барут. Подоцна во припојасниците се чувал приборот за чистење на оружјето.