All for Joomla All for Webmasters

 

Богатството и разноликоста на збирката на книги сведочи за верската и културна димензија на градот Скопје кој како многуетнички град опстојувал во текот на петвековното османлиско владеење на овие простори. Книгите во збирката потекнуваат од XVIII век до првите три децении на XX век. Содржи ретки и интересни наслови. Тие се од два типа: печатени и ракописи. Според јазикот се поделени на црковнословенски и арапски книги.

Збирката опфаќа неколку евангелија, Пролог, Служебник, Свиток-молитвеник, и други книги напишани со црковнословенско писмо и јазик. Овие книги се употребувале во богослужбите во црквите, во црковните училишта, а и во домовите на христијаните. Во Скопје се судрувале интересите на соседните држави Србија и Бугарија, кои најмногу дошле до израз преку пропагандите спроведувани со најсилното оружје ­- верата и јазикот.

Муслиманското население во Градот општело на турски јазик, а богослужбата ја вршело преку муслиманските верски книги напишани со арапско писмо на арапски јазик. Збирката содржи арапски книги со верска содржина, книги богати со податоци за тогашната економија, преводи на најчитаните европски романи за тоа време напишани и преведени со арапско писмо на арапски, но и на турски јазик, како и историски книги и антологии.

Книгите во збирката кои немаат верска содржина се ретки наслови кои заслужуваат особено внимание правејќи ја вредна оваа квантитативно скромна збирка, како што се: Ќурчиски дефтер од 1745 година кој е и најстара книга во збирката, роман “Патување во центарот на земјата” од Жил Верн и двете изданија на книгата “Историја на Скопје и неговата околина”од Салих Асим - прва напишана Историја за градот Скопје.