All for Joomla All for Webmasters

Етнолошката збирка на текстилна покуќнина брои 477 предмети кои потекнуваат од Скопје и скопскиот етнички предел, а временски го покриваат целиот ХХ век. Внатрешното уредување на селската и градска куќа во Скопје било според традиционалниот живот, но врз него влијаела и ориенталната и европска култура. Оттука во богатото текстилно творештво на Скопје и неговата околина, посебно место имаат покуќинските текстилни предмети наменети за постелување на подот, креветите, миндерите, масите, како и украсување на ѕидовите, прозорците и сл.

Тексилните предмети ги изработувале жените и имале голема улога во нивниот живот, зошто биле дел од невестинскиот чеиз, и се пренесувале од колено на колено. 

По својата уникатност и убавина во збирката се издвојуваат килимите кои според функцијата се поделени на килими за под, килими за на ѕид, килимчиња за коњ, сандаци, колевки, покривки за кревети и молитвени килимчиња -сеџадиња.

Претставувајќи одреден вид статусен симбол на богатите турски фамилии, килимот во секојдневниот живот на градското население бил употребуван како најлуксузен дел од ентериерот и амбиентот на градската куќа. Подоцна употребата на килимот се прошири во селата каде што имал обредна функција, пред се како килимче за на коњ во свадбените обичаи, а потоа и како покривка за колевка, а подоцна како покривка за постела, ѕид и под. 

Според композицијата на изведените орнаменти во збирката застапени се килими со риги и килими со поле и бордура. Декоративните орнаменти неретко говорат за периодот на изработувањето, етничката припадност на килимот како и  влијанија од други килимарски центри. Најзастапени се геометриските и вегетабилни мотиви, зооморфни и антропоморфни претстави. Од боите најупотребувана е црвената, со својот широк спектар на тонови, потоа црната и зелената а помалку се застапени сината и жолтата боја.

Собирањето на предметите од кои е оформена оваа збирка, е со единствена цел да се сочува и презентира текстилното културно наследство.