Печати

Предметите во збирката датираат од почетокот XX век а територијално се поврзани со градот Скопје и неговата околина. Вкупно се 472 предмети. Според намената поделени се на: предмети кои се користеле во секојдневниот живот во градските и селски куќи, алатки поврзани со тардиционалното текстилно и селско стопанство и ритуални предмети.

Во збирката на дрвени предмети посебно место завземаат покуќинските предмети кои се употребувале во селските домаќинства: ковчези за алишта, софри и столчиња, колевки, склопци, бутини за матење млеко, качиња за сирење, корита за месење леб, карти за вино, лејки за црпење вода, лажици и лажичарници, чинии, соларници и сл. Предметите се изработени со традиционална обработка на ореово, дабово или црешово дрво, познати по својата цврстина и трајност. Некои од предметите од збирката се украсени со плитка резба на едноставни геометриски фигури или гравирани со помош на горење на надворешниот слој на дрвото.

Во збирката од традиционалните алатки најзастапени се оние поврзани со изработка на текстил: совалки, фурки, вретена, кадели, мотовила, разбои.

Значајно место во збирката завземаат делови од градски ентериер и мебел: резбана таваница, миндери, маси, масички, столици најчесто декорирани со резба, фотељи, канабе-тросед, комоди, креденци, витрини, сталажи, шифоњер, натказна со огледало и сл. Предметите се датирани од крајот на XIX и средината на XX век.  Внатрешното уредување на градските куќи во Скопје се формирало под влијание на традиционалниот живот, но пред се значајна улога одиграле влијанијата на источната и западна култура кои се испреплетувале на овие простори на Балканот.